top of page

Ѓорѓи Јованчевски е роден на 20 јуни 1953 година во с. Будимирци, Мариово, Битолско. Основно и средно образование завршил во Битола. Студирал на Електротехнички факултет во Белград, на Отсек за електроника, смер Обработка на податоци (денешна компјутерска техника), каде што дипломирал во 1978 година.

Во четврти клас на средното училиште освоил Прва награда на Републички натпревар по математика.

Во текот на студиите на Електротехнички факултет во Белград добивал стипендија од Фонд за талентирани младинци при Републичка заедница за образование од Скопје.

Предавањата и вежбите по математика ги слушал во специјалната група на проф. Д.С.Митриновиќ.

Дипломската работа ја изработил во Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) од Скопје, а се однесува на компјутерска обработка на податоци за руди и компјутерско цртање изохипси со интерполација (сплајнови), која проблематика, кај нас, до тогаш не била решавана со помош на компјутери.

Во април 1978 година се вработил како помлад асистент на Математички факултет во Скопје.

Постдипломски студии слушал на отсекот Компјутерски науки при Електротехнички факултет во Загреб. Магистерска работа под наслов “Модел на адаптивен оперативен систем“ ја одбранил на истиот факултет.

Докторската дисертација под наслов “Математичко моделирање на процесот на обучување на невронска мрежа во наставниот простор“ ја одбранил на Природно-математички факултет во Скопје.

Во1994 година е избран за доцент на Институт за информатика при Природно-математички факултет во Скопје, во 1999 година е избран за вонреден професор, а во 2004 година е избран за редовен професор.

Изведувал настава по повеќе предмети на Природно-математички факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Факултет за компјутерска техника и информатика при Универзитет „Американ Колеџ“  во Скопје, Ветеринарен факултет во Скопје, Факултет за администрација и менаџмент на информациски системи при Универзитет „Св. Климент Охридски“ во БитолаПедагошки факултет во Штип, Факултет за учители и воспитувачи во Битола, Виша медицинска школа во Битола.

bottom of page